Фото: Зоран Антоски

Топлите зими без минусни температури и глобалното затоплување придонесоа бројот на рептили во земјава алармантно да порасне. Регистрирани се повеќе каснувања на луѓе, за среќа без смртни случаи. Во тој поглед ниту кичевијата не е исклучок. Во овој крај присуството на змии е најзголемено, повеќе од било кога.

-Која е причината за енормното присуство на змии во нашиот регион не знаеме, но може да претпоставиме дека потоплите години дадоа голем придонес во зголемената бројност на змиите. Ако порано можеа да се сретнат најчесто во природата, денес можат да се сретнат на улица, во тревници, во дворови на тераси и каде уште не. Прозорците во пониските простории ги отвораме само кога сме дома, од страв да не влезе некоја змија во домот. Знаеме какви случаи и средби со змии имаше летово. Ако продолжи глобалното затоплување, наредните години можеме само да претпоставиме колкав ќе биде нивниот број – велат жителите од една приградска населба.

Граѓаните забележуваат дека должината на змиите од година во година е сѐ поголема. Тоа најдобро го потврдува искуството на еден риболовец.

-Отидов да ловам риба и за тоа време од околу еден час сретнав повеќе видови на змии. Дури за првпат во животот забележав змија со чудни шарки, долга над два метри, како лази по гранките. Во еден момент скокна во реката и го подигна своето тело за напад како некоја кобра. Си ја собрав опремата и повеќе не отидов на риболов ова лето поради оваа непријатна средба – вели Зоран Трајаноски, жител на Кичево.

Случајни минувачи сведочат за тоа како змии непречено поминуваат по улица и често може да се забележат прегазени змии на отворените патишта, што нѝ беше потврдено од повеќе таксисти во градот.

Поединци велат дека имале средба со питони долги над три метри, што пред неколку децении беше речиси незамисливо.

З.А.