Скијачките центри на Балканот во зимскиот период се масовно посетени од гости што недоволно се придржуваат кон здравствените препораки за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот

Скијачките центри во земјите од Балканот, во првите месеци од годинава, го стекнаа неформалниот статус на „слободни ковид-зони“. Во периодот кога во сите земји во Европа се затворени скијачките центри, зимските одморалишта во регионот целосно ги отворија вратите за љубителите на скијањето или за гостите што се одлучиле да поминат еден ден во некоја од познатите планински дестинации. Во медиумите и на социјалните мрежи можеа да се видат многу фотографии и видеорепортажи од ски-центрите, на кои се гледа како голем број луѓе еден до друг чекаат во редови пред жичниците за да стигнат до снежните падини за скијање. Сликата беше иста во познатиот скијачки центар на Јахорина, во Босна и Херцеговина, на Копаоник во Србија, на Сљеме во Хрватска и во ски-центрите во Бугарија. Зимските центри се посетени од граѓани од околните балкански земји, а меѓу нив беа и македонските туристи, кои со сопствен или организиран превоз заминуваа во ски-центрите во Србија и во Бугарија. Се чини, препораките за заштита од ширењето на коронавирусот беа ставени зад желбата за поголема заработка на угостителските објекти.

Скијачкиот центар на Јахорина ги урива сите рекорди на посетеност. Оваа планина е далеку пред другите ски-центри затоа што покрај придржувањето кон основните здравствени протоколи, нуди и т.н. „ковид-гаранција“. Ова значи, во случај некој гостин да биде заразен од коронавирусот, од олимпискиот центар „Јахорина“ гарантираат поврат на парите за сместување во износ до 80 отсто или оваа сума им се префрла во аранжманот за следната година или во друг термин што му одговара на гостинот! Како погодност се нуди и тестирање од ковид-19, а гостите можат да го направат тоа и додека се на скиите, а резултатите им се познати за неколку часа. Центарот поседува и уреди за дезинфекција на кабините на гондолите, а се ангажирани и редари што се грижат за одржување на дистанцата меѓу скијачите, пишува „Дојче веле“.
Сите угостителски објекти се отворени до 22 часот, а почитувањето на епидемиолошките мерки е императив, велат од раководството на ОЦ „Јахорина“. На оваа планина владее друга атмосфера во однос на другите места и градови во Босна и Херцеговина, која се соочува со голем број заболени лица од ковид-19, а оваа земја е меѓу последните од регионот што ја почна вакцинацијата против коронавирусот.
– Дефинитивно има метеж пред жичницата, но скијачите се мошне одговорни. Проблем е во текот на паузите кога не може да се најде место во ресторан. Но сето тоа е подносливо – вели една гостинка од Нови Сад, во изјава за „Дојче веле“.

Во изминатиот викенд во Србија се славеше државен празник и многу граѓани заминаа во домашните зимски центри. На планината Златибор сите сместувачки капацитети беа исполнети, а процената е дека во овие денови престојувале околу 30.000 гости. Во болниците во Здравствениот центар во Ужице е забележан пораст на новозаразени пациенти, но посетеноста на планините не се намалува. На Копаоник и на Златибор престојуваат повеќе од 22 илјади туристи, а голема посетеност има и во другите зимски ски-центри. Потпретседателот на Здружението на хотелиерите, Андрија Јеремијевиќ, вели дека годинава има за 30 отсто повеќе гости од лани, пренесува „Република“.
Поради непочитување на постојните здравствени мери, неконтролираното групирање во клубовите и големата посетеност на ски-центрите, неизбежно дојде до пораст на новозаразените од коронавирусот. Медицинскиот дел од Кризниот штаб на Србија се залага за итно заострување на мерките за спречување на натамошно ширење на вирусот. Српски „Телеграф“ информира дека сѐ е поизвесно воведување ограничување на работата на кафулињата и рестораните до 18 часот во работни денови и целосно затворање во текот на викендот. Поради сѐ поголемиот број заразени ученици и наставници, епидемиолозите се залагаат за враќање на наставата исклучиво онлајн. Епидемиологот и член на Кризниот штаб, Предраг Кон, предупреди на сериозни последици доколку нешто итно не се преземе.

– Не може да се игнорира влошување на епидемиолошката состојба, особено во Белград. Доколку продолжи оваа состојба, мораме да ги заостриме мерките за да се спречи нов бран на епидемијата – напиша Кон на социјалните мрежи.
Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ, во изјава за новинарите, признава дека поради притисокот на јавноста и луѓето што егзистираат од скијањето, не биле затворени зимските центри во Србија.
– Препораката на Кризниот штаб беше зимските центри да работат, но со пополнетост на капацитетите од една третина. Тогаш немаше да имаме проблем. Но видовме дека сите центри, пред сѐ Златибор и Копаоник, се преполни. Скијањето не го загрозува здравјето на луѓето, но загрижува тоа што се случува пред и потоа и најмногу од групирањето во затворен простор – изјави Тиодоровиќ.
Во Хрватска, исто така, медиумите посочуваа на повластениот третман што го имаа скијачките центри во зимскиот период, каде што граѓаните престојуваа без да ги почитуваат препораките за носење маски или за групирање. Во исто време, Кризниот штаб спроведуваше рестриктивна епидемиолошка политика кон кафулињата и рестораните, на кои не им беше дозволено да продаваат ни кафиња за носење.