Младата пијанистка Софија Михајловска, ученичка во седмо одделение во ОУ „Даме Груев“ Битола, уште како мала се заљубила во пијаното. Кога имала само неколку години, таа сонувала да стане голема и славна пијанистка. Водена од огромната љубов спрема пијаното, таа на само шест години се запишала во музичко училиште.

Ова 12-годишно девојче, започна да свири во класата на професорката Ана Попова Трајановска. Уште од самиот почеток професорката Трајановска го препознала нејзиниот голем талент. Благодарение на талентот и упорната работа, подоцна почнаа да се нижат успесите и многубројните награди како во државата, така и во странство. Своите учества на натпреварите малата Софија ги почна кога имаше само седум години. Подоцна се нижеа бројните настапи, а и освоени награди и признанија, кои зборуваат за нејзиниот огромен талент.

Иако во услови на пандемија, сепак таа со огромна поддршка од своето семејство, се закити со највисоки меѓународни признанија и награди:
Од мошне богатата колекција на награди би ги издвоиле: Прва награда на ЕМЦЅ-меѓународен натпревар „Охридски Бисери“ 2020,
Прва награда на меѓународен натпревар „Полихимнија“ 2021
Прва награда на меѓународен натпревар „Моцарт“ 2021
Прва награда на меѓународен натпревар „Улјус“ во Смедерево 2021,
Прва награда на државен натпревар 2021 година
Нејзиниот најнов успех е освоена трета награда на
ИММЦ- Меѓународен натпревар во Москва, 2021 година

Михајловска оваа година настапи како најмлад солист на концертот со Македонската Филхармонија, што претставува исклучително признание за неа.

M.M.