Додека истекувањето на реката Драгор кај Довлеџик ја вознемири битолската јавност и ги крена на нозе сите градски институции, во рудникот Брод – Гнеотино, вработените на багерите СРС 2001 и СРС 2002 воопшто не беа „загрижени“ за обилните врнежи што паѓаа во Пелагонија.


Тие велат навикнале да работаат по такви невремиња и да се борат не само со поплавите, туку и со лизагањето на земјиштето.
Денеска во посета на вработените на овие багери беше првиот синдaкалец на РЕК Битола Менде Фидановски, кој им ги честиташе новогодишните и божикните празници и разговараше за условите за работа и проблемите со кои се среќаваат екипажите на овие два големи багери.
До багерите СРС 2001 и СРС 2002 може да се стигне со специјално теренско возило, кое го викаат „тенк“.
Но поради калливиот пат денеска и на „тенкот“ му беше тешко од платото на рудникот да стигне до багерите.


Благодарение на вештите раце на искусниот возач на „тенкот“ Стевче Геневски безбедно стигнавме кај екипажот на багерите, кои ги обавуваа своите редовни активности.
– Денешните услови во кои работиме се „песна“ за нас. Да не’ посетите во зима, кога рацете се „лепат“ врз железото и кога цела смена другаруваме со волците што постојано завиваат,или во лето, кога температурите се над 40 степени – велат багеристите на СРС 2001 и СРС 2002.
М.М.