фото Зоран Антоски

Вештачкото езеро што пред десетина години се формира во една од депресиите на поранешниот рудник за јаглен Осломеј, со површина од над 30.000 метри квадратни и со максимална длабочина до 15 метри, за првпат ќе се порибува со крап во текот на наредните петнаесетина дена.

За порибување на Осломејското Езеро иницијатива беше покрената од група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, кои имаат за цел ова вештачко езеро за краток период да се претвори во вистински рај за спортските риболовци и љубителите на убавата природа.

– За да биде што попривлечно за спортските риболовци и љубителите на убавата природа, поголема група ентузијасти и спортски риболовци од Кичево, одлучивме со сопствени прилози да го порибиме Осломејското Езеро и со тоа да му дадеме и поширока анимација на овој простор. Од страна на доброволци од нашиот град собравме стотина илјади денари, средства што ќе бидат наменети за прво порибување со крапска риба на ова езеро, а рибниот подмладок ќе го обезбедиме од рибник кај Неготино. Во намера сме да го порибиме езерото со крап од сите големини и во езерото да пуштиме и десетици матици, кои ќе се мрестат во самото езеро, а подмладокот од овие матици, очекуваме да има побрза адаптација на условите во оваа вештачка акумулација , што ќе овозможи и натамошно размножување на крапот во самото езеро и зголемување на рибниот фонд – вели Александар Коруноски, еден од главните иницијатори на оваа акција и главен помагател за порибување на езерото.

Ентузијастите кои ја покренаа оваа иницијатива, покрај првото порибување на езерото што ќе биде изведено наскоро, ќе преземат и акција за уредување на појасот покрај езерото, како и негова култивација.

-Покрај порибувањето што ќе го извршиме наскоро, планираме целосно да го преуредиме крај езерскиот појас, да поставиме клупи и табли на кои ќе биде нагласено со што и кога е порибено езерото. Исто така, ќе ангажираме и градежни машини, со кои ќе го култивираме земјиштето околу езерото и ќе создадеме услови за рекреативни прошетки на граѓаните крај бистрите води на оваа акумулација. Со сите планирани зафати ќе помогнеме езерото што побрзо да излезе од анонимност и да се претвори во вистинска мека за спортските риболовци и место погодно за натпревари во спортски риболов. Константниот водостој, секогаш бистрата вода, близината на градот Кичево и условите што ќе ги создадеме со планираните зафати, уште повеќе ова езеро ќе го доближат до нашите сограѓани – вели Мире Ночески, еден од иницијаторите за спроведување на оваа акција.

Инаку додега ниту општината ниту државата се заинтересирале да го оплеменат овој простор и да создадат пријатно катче за престој и риболов.