Фото: Зоран Антоски

За да се зголеми зеленилото во градот и да се намали аерозагадувањето, во Кичево во последните неколку месеци засадени се дури 240 млади дрвца, кои за неколку години ќе го променат визуелниот изглед на градот и секако ќе придонесат да има почист воздух.

Од општината и комуналното претпријатие најавуваат оваа акција да продолжи и наредните месеци и години, и Кичево по оваа акција на зазеленување да го добие епитетот „Зелен град“.

-Ако се има во предвид колку е важно зеленилото за поздрав живот во урбаните средини, презедовме интензивна акција на сите улици да засадиме млади дрвца, претежно од јавор, и за краток период да стигнеме до бројка од дури 240 дрвца. Оваа акција ќе ја продолжиме и наредните месеци и години и наскоро очекуваме Кичево да го добие епитетот „Зелен град“. Младите дрвца, кога ќе пораснат ќе добијат поголема крошна и ќе помогнат да се намали аерозагадувањето во градот, а ќе бидат погодни и за летни прошетки. Би апелирал до граѓаните на Кичево, да се грижат за овие дрвца, ако имаат можност да ги полеваат со вода оние дрвца што се во близина на нивниот дом и да не ги кршат бидејќи тие се засадени за нивно добро и за добро на сите жители на градот – истакна Фатмир Дехари, градоначалник на Општина Кичево.

З.А.