Започна со работа нова детска градинка во Кичево, лоцирана во кругот на ОУ „Санде Штерјоски“ во населба Пашино. Новата детска градинка е донација на турската агенција за развој и соработка „ТИКА“, која во целост ја опреми градинката и со нов инвентар. Градинката ќе го носи името „Ластовички“, предлог на Советот на општина Кичево, и ќе има капацитет да згрижи над 120 деца на возраст од девет месеци до шест години.

– Со средства обезбедени од Агенцијата за развој и соработка на Република Турција „ТИКА“, изградена е нова детска градинка во населба Пашино. Во новата детска градинка моменто се запишани 136 дечиња на возраст до 6 години, а секојдневно во градинката престојуваат околу 90 деца. За нормално функционирање на новата детска градинка, примени се 17 невработени негувателки, готвачки, хигиеничарки и друг неопходен персонал. За вработените да се стекнат со поголема рутина за работа со деца, во новата детска градинка од другите градинки во нашиот град префрлени се дел од претходно вработените, додека дел од нововработените ќе бидат распоредени во некоја од старите детски градинки во градот – рече Садик Ахмети, директор на детските градинки во Кичево.

Ахмети напомна дека новата детска градинка ќе се затоплува со тврдо гориво (дрва), ќе има централно затоплување, а за првата година се планира да се потрошат околу 100 метри кубни огревно дрво. Во Кичево работат три детски градинки и тоа најголемата детска градинка „Олга Мицеска“, градинката клон „Цветови“ и ново отворената „Ластовички“. Моментно во детските градинки во Кичево се запишани 469 деца и се смета барем засега дека трите детски градинки ги задоволуваат потребите на градот, и најави отворање на три детски градинки во руралните средини.

– Покрај трите детски градинки во Кичево, наскоро ќе отвориме уште три детски градинки во поголемите населени места Другово, Зајас и Осломеј и на тој начин ќе бидат згрижени дечињата во овие региони, на овој начин ќе можат правилно да се воспитуваат и развиваат. За новите детски градинки во селата, ќе бидат искористени дел од постоечнките училишни згради, при што целосно ќе бидат искоритени постоечките објекти, без дополнително да се трошат пари за нови градинки – додаде Ахмети. З.А.