Претходниот викенд започна сезоната на крупен дивеч во земјава. Ловџиите од Кичево и Кичевско, во првиот ловен ден имаа солиден отстрел и тоа е добар предзнак за успешна ловна сезона. Ловната сезона ќе трае до последниот викенд од јануари в година. Во овој период од ловната сезона, дозволен е лов на диви свињи, лисици, волци и срни, за кои после десет години дозволен е лов, поради прекубројното присуство во природата.

Трите ловечки друштва од Кичево и Кичевијата, целосно подготвени ја дочекаа ловната сезона со подмирени такси и со флуоресцентни елеци, кои се неопходни кога се оди на лов а, тука предничи најстарото и најбројно ловечко друштво од градот „Елен“.

– Од вчера во нашата земја започна ловната сезона на крупен дивеч. За оваа сезона ќе се лови, дива свиња, волк, лисица и срна, за која поради прекубројноста, после десет години дозволен е легален лов. Ловџиите од нашето друштво за да се стекнат со право легално да ловат, најпрво треба да ја подмират таксата во износ од 5.000 денари. Исто така сите ловџии се запознаени со правилата за ловство и задолжително носење на флуоресценти елеци кога се во шумата. На првиот ловен ден ловџиите од нашето друштво имаа солиден отстрел и тоа е добар предзнак дека ќе имаме богата ловна сезона – вели Диме Ѓорѓиоски, ловник во ова друштво.

Ловечкото друштво„ Елен“ во текот на зимата и периодите со многу снег и ниски температури, се грижи и за прихранување на дивечот за да не дојде до негово угинување и намалување на бројноста.

– Секој година ловечкото друштво „Елен“, во текот на земимата кога има повеќе врнежи од снег или ниски температури, се грижи за прихранување на дивечот во регионот. На одредени хранилишта се остава зрнеста храна, слама и сол. Прихранувањето на дивечот се случува во повеќе наврати во текот на зимата, што е причина неговата бројност во природата да биде завидна. Инаку, нашата општина е поделена на 9 ловни региони, од кои на 6 концесионер е нашето друштво, додека двете останати друштва имаат на располагање по еден ловен регион, додека ловиштето во Душогубица се уште нема концесионер – додаде Ѓорѓиоски.

Инаку, покрај„ Елен“ во Кичевко гравитираат уште ловечките друштва „Еко Фазан“ од Осломеј и „Сокол“ од Зајас. З.А.