Високото загадување на амбиенталниот воздух во последните три седмици претставува голем проблем за жителите на Кичево, кои се оптоварени и со пандемијата со коронавирусот, сезонскиот грип и загадениот воздух. Во тешка состојба посебно се хронично болните со белодробни заболувања ХОБ, старите лица, срцевите болни и децата.
Сите четири категории лица многу тешко го преживуваат овој период.
– Не знаеме од што повеќе да се чуваме, дали од сѐ поголемиот број заразени во градот или од нечистиот воздух и сезонскиот грип. Лекарите препорачуваат умерено движење во текот на денот, а од друга страна предупредуваат на последиците од загадениот воздух и на можна зараза од ковид-19. Не знаеме кое е поголемо зло. Се чудиме како ќе ја истуркаме зимава, која сѐ уште не е ни вистински започната. Ако се разболиш, тешко е да се одлучиш да одиш на лекар
од страв и таму да не навлечеш некаква зараза. Опасност демне и во маркетите, аптеките и другите продавници, каде што мора да влеземе за да се снабдиме со неопходните намирници, свесни за ризиците што ги носиме со себе влегувајќи во овие објекти, каде што фреквенцијата на граѓани е најголема – вели Томе Велкоски, постар жител на градот.
Дека загадувањето на воздухот му е голем сојузник на вирусот ковид-19 смета и екологистот Коста Наумоски.

– Колку поголемо загадување на воздухот толку поголеми можности за ширење на заразата. Нечистиот амбиентален воздух е најголем пријател на пандемијата и непријател на нашето здравје, помага за ширење на заразата без непосреден контакт со заразено лице, исто така и аеросолите се помагатели на вирусот и затоа треба да се носи заштитна маска и кога сме сами или со друштво – посочува Наумоски.
Д-р Елена Попоска, пулмолог од Кичево, вели дека високото загадување на воздухот е индикатор за многу болести и епидемии.
– Граѓаните што имаат послаб имунитет, страдаат од респираторна болест или имаат срцеви проблеми, треба што помалку да излегуваат надвор, особено во периодите од денот кога загадувањето на воздухот е највисоко во нашиот град, кој, за жал, според сите параметри, е меѓу најзагадените во земјава.

Големото загадување на воздухот ја влошува состојбата на овие лица, но не остануваат поштедени ни лицата со мозочните проблеми и ХОБ. Освен со сезонскиот грип, есенва населението се соочува и со пандемија, а високите вредности на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички се големи помагатели на оваа инфекција, а тоа го потврдуваат и бројките на новозаболени во последниот месец, откако започна затоплувањето на домовите со тврди горива. Придржувањето кон советите на лекарите, земањето редовна терапија и неизложувањето на отворен простор се главни сојузници за подобро здравје во претстојниот период – вели д-р Попоска.