Проектот опфаќа и рабници, сливници за атмосферска вода и нови еластични огради

Кочани

Општина Кочани ја реализира втората фаза од реконструкцијата на патот Пониква – Кочани. Градежните активности се одвиваат на потегот од завршницата на реконструираната улица Страшо Ербапче кон Пониква, во должина од 7,4 километри, за рехабилитација на преостанатиот дел од сообраќајната врска меѓу Кочани и Пониква. Горниот слој од коловозот е отстранет, обработени се најоштетените површини, кои се пополнуваат, по што ќе биде поставен нов асфалтен слој. Проектот опфаќа и рабници, сливници за атмосферска вода и нови еластични огради. За овој градежен зафат се наменети 41 милион и 600 илјади денари, средства од јавното претпријатие за државни патишта.

– Лани беше поправен најоштетениот дел од патот Пониква – Кочани. Градежните работи се реализираа на потегот од паркингот на Пониква кон градот, во должина од 10,4 километри. Непосредно потоа беа реконструирани и 2,4 километри од улицата Страшо Ербапче, од влезот во Кочани до клучката кај селото Бели. Со целосната рехабилитација на патот Кочани – Пониква се решава едно од најзначајните инфраструктурни прашања за развој на туризмот, но и за квалитетна сообраќајна поврзаност – велат од Општина Кочани.

Одговорните оттаму информираат дека паралелно со овој проект, на Пониква се реконструираат двата ски-лифта, се градат планинарски дом и две велосипедски патеки од Кочани до Пониква, а на повидок е реализација на брана на Арамиска Чешма, која ќе го реши водоснабдувањето на туристичкиот комплекс. Нивните очекувања се дека сите овие проекти ќе ги зголемат туристичките потенцијали на Пониква и ќе придонесат за побрз развој на регионот.