Сезоната на лов на крупен дивеч во земјава заврши викендов. Членовите на ловечкото друштво „Елен“ од Кичево, можат да бидат задоволни од количината на застреланиот дивеч и уште повеќе што ниту во еден примерок дивеч не е откриена болеста Африканска чума присутна во повеќе соседни земји.

– Викендов што е зад нас заврши најдолгата сезона на лов на крупен дивеч во земјава а со тоа и во нашето ловечко друштво. Во текот на изминатите пет и пол месеци колку што траеше ловот, членовите на нашето друштво отстрелаа вкупно 132 примероци на дива свиња. Од секој отстрелан примерок од повеќе органи беа испратени делови во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје и радува податокот што ниту кај еден примерок отстрелан дивеч не е констатирана болеста Африканска чума, која е присутна речиси во сите земји од нашто опкружување. Иако во овој период од годината претходните сезони редовно вршевме прихрана на дивечот, но поради појавата на болеста овојпат единствено на повеќе места ставивме витаминизирана сол, која е неопходна за нормалниот развој на дивечот – информираа од ловечкото друштво „Елен“ од Кичево едно од трите во општината во кое членуваат над 400 ловџии.

Преостанатите две ловечки друштва од општина Кичево се „Еко фазан“ од Осломеј и „Сокол“ од Зајас. Во претходните неколку години на ловиштата на ловечкото друштво „Сокол“ престојуваа ловџии од Италија, кои беа одушевени од природата и можностите за лов во овој регион. Тоа ја отвора можноста и за развој на ловниот туризам во кичевско и поширокиот регион.

З.А.