Модуларниот центар при Инфективниот оддел на општата болница во Велес наскоро ќе биде пуштен во функција, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека се работи за уште еден од 19-те модуларни центри кои се поставуваат во 16 општини низ државата, со цел зголемување на капацитетите на инфективните одделенија.

– Модуларниот центар во Велес е со површина од околу 700 квадратни метри и капацитет од најмалку 47 болнички легла и следните функции: клинички услуги за тријажа и проценка на здравствената состојба на лицата кои влегуваат во установата, прием и регистрација, тестирање и дијагностика, вклучувајќи лабораторија, рентген и ЕХО дијагностика, безбедно чување и дистрибуција на лекови за пациентите како и административни и простории за персонал, сместени во чистата зона – се наведува во соопштението на ресорното министерство.

Во него се додава дека досега целосно се завршени девет модуларни центри во Гевгелија, Струмица, Кичево, Струга, Куманово, Гостивар, Штип, Велес и Охрид.

– До крајот на месецот треба да заврши изведбата и опремувањето на центрите во Охрид, Кавадарци, Битола, Прилеп, Тетово, Дебар и болницата во Козле. Дополнително, во Ресен ќе се почне со изведба на модуларната болница која треба да биде готова во месец март – појаснуваат од министерството.