БИТОЛА

По ескалацијата на пандемијата во Битола, каде што значително е зголемен бројот на позитивните на ковид-19 и хоспитализираните лица, конечно е пуштена во употреба модуларната болница, која деновиве ги прими првите пациенти. Со нејзиното пуштање во употреба, сега во Битола ќе има уште 90 нови кревети за лекување на болните. Со тоа, Клиничката болница, која како ковид-центар врши услуги и за болните од регионот, Охрид, Ресен, Кичево, Демир Хисар, Крушево, ќе функционира со 170 кревети. Во Битола на дневна основа заболуваат и над сто лица.
Кога почна да се гради болницата, беше кажано дека ќе биде готова за 14 дена, но, сепак, таа се изгради и пушти во употреба дури по пет месеци.
Болницата беше изградена со пари од Министерството за здравство, со донации од Општина Битола (40.000 евра), како и со пари на јавните комунални претпријатија (1,5 милион денари) и АД ЕСМ (2,4 милиони денари).
На простор од 1.000 квадратни метри има три модуларни градби, од кои две се наменети за интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар.

Состојбата со коронавирусот во Битола веќе подолго време е предмет и на политичка пресметка на локалната власт и опозицијата. За здравствената состојба деновиве се водеше жолчна дебата меѓу власта и опозицијата во Советот на Битола. Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Иванчо Тошевски, побара привремено да се одложат сите точки од дневниот ред и да се расправа само за состојбата со пандемијата, која е повеќе од загрижувачка. Но откако тоа не беше изгласано, опозицијата ја напушти седницата.
Инаку, тоа што особено загрижува е што, според последните податоци, од хоспитализираните над 135 лица, најголемиот број се на возраст од 25 до 50 години и се со тешка клиничка слика и на кислородна поддршка.

– Се работи за пациенти од различни возрасни групи, но во овој нов бран имаме пациенти што се млади, од 25 до 50 години, и тоа е главно најголемата бројка од нашите хоспитализирани пациенти, кои се, за жал, многу тешки и во некои случаи нашите терапевтски мерки не покажуваат клинички ефект, па во последните денови имаме и многу смртни исходи. Имаме пациенти од 25, 28,
30 години, амбулантно ни доаѓаат и 16-годишни, старосната граница е многу спуштена кон помладата популација – вели д-р Ели Димитровска, според која потрошувачката на кислород во ковид-центарот е зголемена до 1,6 тон, а се очекува да стигне до 2,5 тони.
Во овој момент најголем проблем во Клиничката болница е и недостигот од лекарски и друг медицински кадар, кој сега за сега се обезбедува со ротирање на медицинскиот персонал.