Жителите на струшкото село Лабуништа денеска излегоа на протест пред влезот на еден од каменоломите кои го обиколуваат селото. На протестот беше посочено дека блокади ќе има и во наредните денови, а доколку не се реализираат нивните барања, тие се подготвени и за порадикални мерки.

-Каменоломите го загадуваат воздухот што го дишеме, полето на кое произведуваме храна е целото бело од прашина, а ни се уништуваат и живеалиштата бидејќи многу од куќите на крајот на селото веќе се испукани од бројните минирања поради вадењето камен. Ние сме мирољубив и културен народ, но многу сме лути што не се превзема ништо против проблемот со кој се соочува село Лабуништа- рече Алим Салоски, претседател на еколошкото друштво „Натура лаб“.

Како што појасни Салоски, претставници на селото на 2 август се сретнале со министерот за економија Крешник Бектеши и тој им ветил дека во рок од 30 дена ќе добијат информација што ќе се случи со нивното барање за укинување на концесиите на сите пет каменоломи кои се во непосредна близина на селото. Но месец ипол подоцна, жителите на Лабуниште се уште немаат добиено одговор на своите барања упатени лично до Бектеши.

-Бидејќи не добивме никаков одговор од министерот, тоа не натера да почнеме пак со протести. Понатаму проблемот ќе мораме сами да го решаваме. Со овој протест сакаме да ги предупредиме надлежните дека нема да се смириме се додека не бидат целосно усвоени нашите барања, односно да ги затворат сите пет каменолома, кои ја загрозуваат нашата животна средина- истакна Салоски.

Жителите на Лабуништа и околината и претходно неколкупати протестираа против концесиите, сметајќи дека природните убавини од подножјето на планината Јабланица се под закана. Од месноста Стрижак се снабдуваат со вода населбите Јабланица, Боровец и Лабуништа, а од оваа вода зависат 15.000 жители.