Жителите на Лабуништа и околината го кренаа гласот. Природните убавини од подножјето на планината Јабланица се под закана. Од месноста Стрижак се снабдуваат со вода населбите Јабланица, Боровец и Лабуништа, а од оваа вода зависат 15.000 жители.

Изворот Стрижак

Повод за протестите на жителите се машините кои веќе извесно време работат во новиот каменолом, што претставува закана за чистата вода, но и за животната средина. Најгласни се жителите на Лабуништа, а посебно младите, кои бараат затварање на каменоломите.

Затоа на лице место кај новиот рудник во месноста Стрижак е направен логор, каде што се дежура 24 часа и не и се дозволува на механизацијата на А.Д. „Илинден“ да работи. Граѓаните очекуваат позитивен одговор на претставките што ги имаат доставено до сите надлежни институции, што би значело поскоро решавање и затварање на сите каменоломи.

-Месноста Стрижак е целосно сместена под извори на вода кои што се од суштинско значење за месното население од с.Лабуништа и околните села. Бараме од А.Д. „Илинден“ како реномирана компанија, да ги има предвид штетите кои што ги нанесува на месното население во строго заштитениот зелен појас, кој што е ставен на картата EUROPEAN GREEN BELT, и непоправливите штети како по Биодиверзитетот на природата и здравјето на луѓето така и на Република Северна Македонија со грубо кршење на ЕУ директивите за заштита на природата. Ние сите здружени ќе одиме до крај – нема отстапување – се вели во соопштението на Месна заедница Лабуништа.

Неодамна, токму од тие причини, жителите го кренаа својот глас и го блокираа регионалниот пат Струга-Дебар.

-Кај нас овде е ужас. Во една средина од 10.000 жители има шест каменоломи активни. Нè уништија сите. Наутро на колите имаме прашина и никој не презема одговорност. Дали газдите на каменоломите имаат малку совест дека ги трујат овие наши мали деца и нас исто – изјави тогаш жител на Лабуништа.

Велат дека нема лесно да се откажат. Повикаа владини функционери да ги посетат сега, а не само во предизборен период за гласови.

-Нема да застанеме тука. Ако нема никакви резултати повторно ќе се организираме во што помасовен број и наредните протести нема да бидат вака мирни, ќе бидат многу по радикални – изјави Алим Салоски, претседателот на здружението „Натура-лаб“.

Бараат од надлежните министерства, односно Владата како надлежна за одземање или раскинување на концесиите, во најкраток можен рок ги преиспита одлуките и да ги раскине концесиите за сите каменоломи. Јавно ги повикуваа одговорните министерства и премиерот Зоран Заев да дојдат на лице место и да се уверат што се случува на самиот терен. Од Рамиз Мерко побараа да каже и да докаже на кој начин е издадена Б интегрираната дозвола од страна на општина Струга. Од компанијата која ја доби концесијата бараат да ги повлече машините.