Таму каде што се вештите жени на Македонија секогаш има добра дружба, забава со богата културно уметничка програма и прекрасна храна.

Така беше и денеска во кавадаречкото село Чемерско каде се собраа околу 500 вешти жени од 14 града од цела Македонија на манифестацијата „Етно вешта жена 2018“. Вештите жени од Берово, Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Битола, Прилеп, Велес, Кочани, Куманово, Македонска Каменица, Неготино, Кавадарци и од селото Чемерско подготвија прекрасна храна, баници, пити, зелници, погачи, кивлички, најразлични колачиња и слатки баклавии, по рецептите на нашите баби и ги продаваа на своите штандови. Присутните со купени бонови само за 50 денари имаа можност да ги вкусат приготвените специјалитети.

Собраните средства како и во претходните вакви манифестации ќе бидат донирани, а денска во селото тие беа наменети за селската црква Свети Спас.

Претставничките од здруженијата на вештите жени кршеа погача, а паричката падна во претставничката од Неготино, каде следниот пат ќе се одржи манифестацијата „Етно вешта жена“.

Дружбата во Чемерско беше збогатена со настап на КУД „Тиквеш“ при домот на кутурата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци и женската пејачка група „Чајка“ со руски народни песни, по што следеше заеднички ручек во Црквата Свети Спас.