Фото: Зоран Антоски

Откако минатата година започна реконструкцијата на поранешната команда на гарнизонот Кичево, со што почна нејзината пренамена, со промена на старите дотраени врати и прозорци со нови енергетски ефикасни ПВЦ прозорци, деновиве продолжија градежните работи со поставување на нова фасада, со средства што ги обезбеди Центарот за развој на Југозападниот плански регион во износ од 3 050 000 денари. Целокупниот зафат треба да заврши во наредните два месеци, по што новата општинска зграда екстериерно ќе добие сосема нов лик.

-Со средства од Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој, Центарот за развој на Југозападниот плански регион, издвои 3 050 000 денари за изградба на нова енергетска фасада на поранешниот објект од Командата на гарнизонот Кичево, за негова пренамена во нова општинска зграда – потсети Валон Каба, претставник од Центарот за развој на Југозападниот плански регион со седиште во Струга.

-Со проектот планирани се следниве зафати. Крпење на малтерот на оштетените делови на 200 квадрати, изработка на фасада со стиропор со дебелина од 5 сантиметри и со површина од 1 400 метри квадратни, изработка на парапети на балконите, монтажа на кровен парапет од огноотпорен панел на 200 метри квадратни и монтажа на челични столбови кај покриените тераси. Време на завршување на новата фасада е 60 дена, а изведувач на работите е компанијата „Инсталација“ од Кичево – додаде Каба.

За финализација на реконструктивните зафати, преостанува внатрешно преуредување на објектот, поставување на нова електрична инсталација, нова водоводна мрежа и поставување на нови подови, по што ќе може целата администрација да се смести под еден покрив, а не како досега да биде лоцирана на повеќе места во градот, што ги присилува граѓаните да шетаат од еден до друг шалтер, за да ја завршат работата.

З.А.