Во просториите на општината Велес се одржа шестата по ред од серијата јавни трибини за дигитализација на јавните услуги во Македонија.
На трибината, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истакна дека следен пилот-проект што ќе биде достапен на порталот за е-услуги и за граѓаните на Велес ќе биде впишување на децата во детските градинки и општинските училишта.

– Апсолутно е добро што имаме вакви лидери во локалната самоуправа – рече министерот Манчевски за степенот на развој на дигиталните услуги во општината Велес.
Тој навести дека брзо ќе дојде време кога услугите ќе бидат можни единствено по електронски пат.
– Општината Велес веќе има 47 дигитализирани услуги достапни на едно место. Не застануваме тука и работиме на постојано подобрување на квалитетот, достапноста и брзината на услугите во интерес на граѓаните – рече на трибината градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој зборуваше за постојните дигитални услуги на локално ниво и интеграцијата на услугите на локалната самоуправа кон порталот.

Тој изрази задоволство од фактот што општината Велес е една од водечките во државата на овој план и изрази надеж дека со поддршка на Министерството ќе може да се реализира проектот за интероперабилен центар на услуги во Велес.
Овој центар на едно место би ги давал сите расположливи услуги од локално и национално ниво. Свој осврт за придобивките и вистинската потреба од дигитализација на сите услуги за поедноставно користење од страна на поединецот даде д-р Јасмина Дамјановска, која посочи дека порталот како електронска платформа овозможува побрз пристап на граѓаните до информации за јавните услуги, како и за олеснувањето на административниот процес на надлежните органи.