Неколку еколошки здруженија испратија допис до претседателот на Владата Зоран Заев и од него бараат да се прогласи мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион.

Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“, Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест се повикуваат на извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2017 година во која се препорачува Република Македонија да воведе мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион.

Според нив, препораката за прогласување на мораториум била во групата итни мерки што Владата требаше да ги спроведе до 1 февруари годинава, но тие сметаат дека препораката била целосно игнорирана од страна на Владата во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО.

Тие посочуваат дека Владата не само што ја испочитувала препораката, туку на својата 53-та седница одржана на 6 февруари усвоила информации кои се однесуваат на активности во Охридскиот регион, а кои предвидуваат крајбрежни трансформации на Охридското Езеро.

Алармирани од усвоените информации тие денеска бараат итно воведување мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион, истовремено укажувајќи на примери за активности на терен кои веќе значат непочитување на препораката од УНЕСКО, како продолжување на изградбата на спорниот хотел во Лагадин, тампонирање, уништување на трската и поставување на бетонска основа во строго заштитениот крајбрежен појас.

-Бараме од Владата на Република Македонија во најбрз можен рок, не подоцна од 30 дена, да прогласи мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации на територијата на Светското природно и културно наследство – Охридскиот регион. Очекуваме Владата да ги напушти одамна застарените концепти за развој кои јасно покажаа дека завршуваат со деструкција токму на вредностите кои се основа за одржлив економски развој, односно недвосмислена определба за заштита на нашето најголемо национално природно богатство, во согласност со современите економски и еколошки стандарди – се наведува во нивниот допис.

Здруженијата потсетуваат и на скорешниот извештај за напредокот на Р.М. од Европската комисија во кој се бара централната власт да ги почитува обврските за заштита на природата.