KИЧЕВО

На „Крап-купот“ што во изминативе три дена се одржа на Осломејско Езеро и на кој учествуваа екипи од повеќе градови од земјава и од странство, екипата од Лабуништа Карп-фиш го освои првото место, со најмногу уловени крапови во текот на педесетчасовниот риболовен спортски натпревар. Организатор на овој куп, кој првпат се одржува, беше спортското риболовно друштво „Хантер-фиш“ од Кичево.
– Учествуваа повеќе екипи од земјава и од странство. Учесниците имаа можност да ловат од петок изутрината до недела во 14 часот и по 50-часовен спортски риболов, екипата Карп-фиш од селото Лабуништа имаше уловено најмногу примероци на крап, 48, или вкупен улов од 150 килограми, со што ја оправда фаворитската улога и пред самиот натпревар. Второто место го освои екипата на БМ од Скопје со вкупен улов од 40 килограми и на трето место со улов од 38 килограми се пласира екипа од Струга засилена со претставник од Косово.

Најголемиот примерок со тежина од седум килограми го улови член на екипата на Лабуништа, со што остварија двоен триумф на овој пријателски крапски натпревар – рече Александар Коруноски.
За следната година на Осломејско Езеро се планирани четири риболовни натпревари од кои два ќе бидат меѓународни. Судијата за спортски риболов Лазе Лазаров кажа дека ова езеро е најпогодно за спортски риболов во земјава. Најдобрите екипи и претставникот што го улови најкрупниот крап добија пехари и благодарници, кои им ги врачи градоначалникот Фатмир Дехари.