ДОЈРАН

Во согласност со планот за управување и годишната програма за заштита на природата на Дојранско Езеро, општинарите во Дојран набавиле сувоземен пловен багер – „амфибија“, кој ќе служи за собирање пластичен и зелен отпад (бујна вегетација) во зоната на одржливо користење на Дојранско Езеро.
– Набавката на возилото финансиски е овозможена од Европската Унија во рамките на проектот за интегриран систем на управување со екосистемот на Дојранско Езеро – информираат во Општината.
Оттаму додаваат дека Општина Дојран работи и ќе продолжи да работи во насока на подобрување на квалитетот на водите на Дојранско Езеро, со што ќе им овозможи на граѓаните да го остварат своето загарантирано право на здрава животна средина.