Учениците ги проследија предавањата со големо внимание

Деновиве во основните училишта во Кичево „ Др. Владимир Полежиноски“, „ Санде Штерјоски“ и „ Кузман Јосифоски-Питу“, беа одржани предавања на тема за ризиците од употреба на пиротехнички средства. На овие предавања целна група беа учениците од петто до деветто одделение. Работилниците се спроведуваат веќе пет години, а проектот го спроведуваат СВР-Охрид и ПС Кичево, чиј инспектор по превенција беше едукатор.

– Во изминатите три дена во трите основни училишта во нашиот град, „ Др. Владимир Полежиноски“,„ Санде Штерјоски“ и „ К.Ј.Питу“, ја спроведовме едукативната работилница поврзана со ризиците што ги предизвикува примената на пиротехнички средства, со работен наслов „Биди ѕвезда, не фрлај петарди“. Со оваа работилница беа опфатени учениците од петто до деветто одделение. Интересот за овие предавања беше исклучително голем, а деновиве акцијата ќе продолжи и во основните училишта од руралните средини. Предавањата ќе ги спроведат вработени од полициските канцеларии од село Зајас и од село Осломеј. Им укажувавме на учениците од опасностите кои ги демнат при употреба на пиротехнички средства и ги запознавме со искуствата од повеќето европски земји – истакна Гоце Јованоски, инспектор по превенција при ПС Кичево. З.А.