Фото: Зоран Антоски

Во организација на Здружението за борба против мозочен удар, денес во Центарот за Култура во Кичево, предавање за превенција и лекување на мозочните удари одржа  д-р Маја Божиновска-Смичевска, невролог од „Св. Еразмо“ од Охрид, претседателка на ова здружение. После предавањето следуваа превентивни прегледи на заинтересираните педесетина граѓани, при што бесплатно им беше измерена гликемија, масти во крвта, крвен притисок и екаге.

– Кичево е единаесеттата општина во која нашето здружение за борба против мозочен удар имаше свое предавање на тема за превенција и лекување на мозочните удари, извршено од страна на претседателката на здружението д-р Маја Божиновска- Смичевска. Таа во своето обраќање потсети дека мозочните удари се втора причина за смртност во светот по малигните заболувања и најчеста причина за инвалидитет кај луѓето.

Покрај денешното предавање во текот на наредните месец-два, во Кичево ќе се одржи уште една ваква акција. Целта на кампањата е едукација на населението за ризикот и факторите за појава на мозочните удари, нивно превенирање и лекување, како зголемен крвен притисок, дијабет, покачени масти во крвта, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и други – истакна д-р Васко Данилоски, невролог и потпретседател на здружението за борба против мозочен удар.