РЕСЕН

Единаесет агрометеоролошки станици се поставени на отворени земјоделски обработливи површини во пелагонискиот плански регион за подобрување и осовременување на земјоделското стопанство. Ова ќе овозможи подобра информираност на земјоделците за параметри што се есенцијални за земјоделското производство, како и осовременување на пристапот до тие информации, во рамките на проектот „Иновациите во функција на унапредување на земјоделството“. На овој начин ќе се овозможи и заштита на животната средина преку воведувањето современи технологии во земјоделството.
– Овие нови станици ќе послужат за собирање, обработка и прикажување на метеоролошките податоци, како и за давање навремена информација за почетокот, траењето и интензитетот на напаѓање на поединечни болести или штетници врз културите, со што ќе се овозможи прецизно одредување на рокот и начинот за третирање. Идејата е со помош на овие станици, земјоделците да добиваат навремени информации на своите паметни телефони или на компјутер преку пристап на веб-страница, за временските услови, влажноста и притисокот на воздухот, кога е поволно време за наводнување, кога има опасност од болести и слично, што пак ќе овозможи унапредување на начинот на одгледување и третирање на земјоделските култури, како и на мерките за заштита на животната средина – рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски во Ресен.

Покрај поставените 11 агрометеоролошки станици во општините во пелагонискиот плански регион, изработена е и софтверска програма за администрирање со податоците од станиците и инсталирана во сите административни центри на станиците.
– Се подобрува и спроведувањето добра земјоделска практика, со навремено искористување на обновливите извори на енергија, соодветно искористување на агротехничките мерки, соодветно количество прихрана и други придобивки од новата технологија за олеснување на сезонските земјоделски практики. Исто така се овозможува и олеснет пристап до информации за климатските промени за правилно управување со земјоделските култури, со користење на податоците од станиците, кои ќе придонесат за ефикасно управување со распоредот на агротехничките мерки и употребата на хемиски адитиви и ѓубрива – појасни Милевски.

Исто така, спроведена е и информативна кампања за придобивките од проектот и резултатите од станиците со користење на новата технологија и дисеминација на печатени промотивни материјали за начинот на користење на станиците и податоците од нив.
Поставувањето на агрометеоролошката станица е од голема помош за земјоделците.
– Ова игра значајна улога во осовременувањето на процесот на производство на јаболка во Преспанскиот Регион. Агрометеоролошката станица не случајно е поставена во овошните насади на средното општинско училиште „Цар Самоил“, бидејќи токму во ова училиште се едуцираат нашите идни земјоделски кадри и токму тоа е наша инвестиција во иднината – кажа градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.