Во наредниот период, по завршувањето на проектот, посетителите на археолошкиот локалитет Хераклеја ќе можат до Амфитеатарот да стигнат по нова монтажна пешачка патека.

Покрај тоа што ќе се изгради сосема нова пешачка патека, од влезот на Хераклеја па се до Амфитеатарот, ќе бидат поставени нови соларни светилики, соодветни практикабли за поставување на нова сцена, зафати врз видиковецот, а за лицата со посебни потреби за прв пат ќе биде поставен лифт.

Сите овие зафати ќе бидат изработени со европски пари од проектот „Смарт култура“ финансиран во рамките на програмата за прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 704.590 евра од кои 85 проценти се од ЕУ, а останатите 15 проценти се средства на Владата. Реконструкцијата и адаптацијација за подобрување на условите во Хераклеја ќе чини 132 илјади евра.

На денешната свеченост на почетокот на работите на овој проект присуствуваше и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска. М.М.