Универзитетскиот професор Томе Наумов, на кого по 39 години работа директорката на Високата медицинска школа во Битола му го прекина договорот за работа точно кога наполнил 64 години треба да се врати на работа до правосилната одлука на судот, одлучи Државниот инспекторат за труд.

Инспекторатот донесе решение со кое се одлага извршувањето на одлуката на Високата медицинска школа од Битола за прекин на договорот за работа до донесувањето на правосилна одлука на судот за овој случај по тужба против Школата поднесена од Наумов. Евентуелна жалба не го одлага извршувањето.

Во образложението на Инспекторотот стои дека по вонредниот инспекциски надозр констатирале дека работодавачот со своето однесување постапил спротивно на одреден и членови од Законот за работни односи. Професорот Наумов денес се врати на работа. Тој беше одјавен од Агенцијата за вработување во април годинава поради пензионирање, без претходно да биде известен. Наумов тврди дека веста дека му е прекинат работниот однос му ја кажале додека држел испит во Школата.

Тој тврди дека е отпуштен од работа спротивно на Законот за високо образование, кој е јасен и дозволува професор што ќе наполни 64 години има право да го продолжи работниот век до 67.

Директорката на Високата медицинска школа Домника Рајчановска тогаш рече дека сите одлуки што ги донела во врска со професорот Наумов се засноваат врз почитување на одредбите од Законот за работни односи и Законот за високото образование.

М.М.