Жителите од кавадаречките  Дреново и Возарци во досегашните празни амбуланти, во иднина два пати седмично ќе можат да се консултираат со лекар, а пет пати, да користат здравствени услуги од медицинска сестра. Ова им го вети градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој синоќа се сретна со нив, за да поразговара за приоритетите во двете рурални средини.

Возарци меѓу другото, ќе добие две занимални за детска градинка, ќе има регулирање на атмосферската канализација и доградба на колектор. Во Дреново, покрај некои други зафати, како чистење канали за прифаќање на пороите,  се  реновира и адаптира амбулантата,  ќе се уреди  игралиштето и исчисти депонијата, а проширувањето на пристапниот пат до селото се планира за следната година.

– Општина Кавадарци е во одлична кондиција. За наредниот период  имаме проектирано добра комунална изградба. Тука сме заради дополнителни  добри идеи и проекти,  за да може да ги спроведуваме на терен, нагласи Јанчев.

Во рамките на активностите на локалната самоуправа, градоначалникот ги посетува месните заедници, а ќе ги посети и урбаните, за заеднички да поразговара со населението, околу неговите потреби.