По примерот на трговците и мајсторите од повеќето услужни дејности, така и дрвосечачите пред ударниот дел од годината, есента, ја зголемија тарифата. Така цената за еден кубик дрва од досегашните 100 денари порасна на 120 денари, во зависност од одалеченоста на локацијата каде треба да се сечат дрвата.

Сечачите ова зголемување го правдаат со повисоката цена на горивата, скапите делови за машините кои се стари и дотраени, поради што и дефектите се почести и секако во ударниот период од годината редовно услугите се нешто поскапи, бидејќи интензитетот на работа е зголемен како и нивната побарувачка .

-Со години цената за сечење на дрва не беше променета и бевме еден од повтините градови во земјава. Сите останати производи и услуги поскапеа, а нашите услуги останаа на истото ниво, иако горивата во повеќе наврати поскапеа и нам ни стана неисплатливо да ја работиме оваа работа во тие околности. Дополнително трошоците ни ги зголемуваат честите дефекти на машините кои се стари и амортизирани и затоа мораме често за поправки и резервни делови да трошиме дополнително средства. Практично ние и со новите тарифи ништо не заработуваме туку само ги покриваме зголемените трошоци во работењето. Исто така кога не повикуваат од селата, за пат трошиме дополнително гориво и време и тоа практично значи дека нашата заработка во тие услови е уште помала- велат дрвосечачите од Кичево, чиј број од година во година се намалува.

-Машината е стара, дефектите чести, а работата тешка, тоа ме тера на помислата да ја оставам пилата и да се посветам на друга работа. Со години сум во оваа работа и најдобро знам колку е тешко по цел ден да се расправаш со дрва, пилевина и прашина – вели Војо, еден од малкуте сечачи на дрва во градот.

З.А.