Фото: Игор Бансколиев

Десетина илјади туристи од земјава и од околните држави, претежно од Србија и Грција, денеска го наполнија Дојран како што доликува за главна туристичка сезона.

Туристите дојдоа со месното население да го прослават заштитникот на Дојран, свети Илија, да се забавуваат на уредените плажи и да го проследат концертот на Јордан Митев кој се одржа денеска точно на пладне во рамки на културната манифестација „Дојрански ракувања“.

– По денешниот ден дојранци се надеваат на вистинска туристичка сезона, со поголем број туристи од земјава и на бериќетен август од причина што досега според посетеноста на плажите тоа не се чувствуваше, најверојатно  поради непрепознатливото лето и нестабилните временски прилики, изјави  градоначалникот на Дојран Анго Ангов.