Водата во Дојранското Езеро го достигна највисокото ниво во последните 60 години, изјави наблудувачот на водостојот на езерото, Злате Талески.

Според него, во последните денови нивото на водата е 242 сантиметри над минималната кота.

Таков водостој во езерото се бележи по 1958 година, кога било постигнатото сегашното ниво, но од вчера веќе се забележува постепено зголемување.

– Водостојот во езерото беше на минималната кота некаде во деведесетите години на минатиот век, а потоа почна интензивно да се празни. Во периодот кога Дојранското Езеро беше најпразно и беше на минус од речиси три метри, со сегашниот водостој бележиме вкупно зголемување на нивото на водата од речиси шест метри – рече Талески.

Инаку, во деведесетите години од минатиот век Дојранското Езеро доживеа еколошка катастрофа со наглото празнење на водата. Во септември 2002 година беше пуштен во употреба системот за спас на Дојранското Езеро, од кој во езерото дотекува по неколку стотина литри вода во секунда.

Освен од системот на полнењето на езерото влијаат и поволните хидролошки услови проследени со врнежи од дожд и снег во изминативе години.