Иако со задоцнување, изградбата на новиот градски пазар во Велес е во тек. Веќе се монтирани челичните столбови, а изведувач на работите е друштвото за градежништво трговија и услуги „Бауер БГ ДОО Скопје“. Договорот за горниот дел на пазарот е во вредност од 34.696.686 денари.

Најдоцна до 15 септември, горниот дел од пазарот треба да биде готов. Веднаш потоа изведувачот на градежните работи на долниот дел од пазарот ќе биде воведен во работа. Постапката за избор на изведувач на долниот дел е веќе завршена, според пропозициите на Светската банка. Договорот со изведувачот на долниот дел од пазарот, „БВ Инженеринг“ од Битола е веќе потпишан – истакна градоначалникот Аце Коцевски.

Тој ги наведе и причините за доцнењето на изградбата на горниот дел од пазарот: преместување столбови од ЕВН, настанато оштетување на колекторот за фекална канализација што поминува под пазарот од страна на изведувачот, поради пропустите на кој начин треба да се поврзе челичната конструкција во основниот проект, поради високите температури, а по дадените препораки од страна на Влада за забрана за работа на отворено за време на портокалова фаза и поради субјективни причини од страна на изведувачот, за што ќе се применат сите мерки што ѝ стојат на располагање на Општината според договорот за да се наплатат казнени пенали поради задоцнувањето.