ПРИЛЕП

Во општата болница „Борка Талески“ во Прилеп беа промовирани 20 неинвазивни вентилатори за кислородна поддршка, донација на Седрик Пахуд, сопственик на швајцарската компанија што ги произведува овие апарати, како и на прилепчанецот Дејан Аџиоски, кој живее и работи во оваа земја.
Изразувајќи го своето задоволство од донираната опрема, градоначалникот Илија Јованоски рече дека вентилаторите ќе бидат од огромна помош за лекувањето на хоспитализираните пациенти, и тоа не само во борбата со коронавирусот туку ќе бидат од големо значење за болницата и по завршувањето на пандемијата.
– Помошта доаѓа во моментите кога бројот на заболени од коронавирус во нашиот град е сѐ уште голем. Овие апарати ќе им бидат од голема корист на докторите и на целиот здравствен персонал од прилепската болница. Неинвазивните вентилатори најмногу ќе им користат на пациентите со потешка клиничка слика, односно на пациентите што имаат потреба од кислородна поддршка – кажа градоначалникот Јованоски.

Покрај Инфективното одделение, вентилаторите ќе бидат од голема помош и за Одделението за анестезиологија, Одделението за интензивна нега и за Интерното одделение, во операционите сали и секаде каде што има потреба од механичка вентилација. Во знак на благодарност за донацијата, вредна 200.000 швајцарски франци, градоначалникот Јованоски до Седрик Пахуд и до Дејан Аџиоски упати покана да ги посетат Прилеп и општата болница кога ќе се создадат услови за тоа.