Мини-депониите кои ги има во Тетово, Гостивар и другите населени места најверојатно ќе постојат уште многу време со оглед дека Полошкиот плански регион во наредните две години преку физибилити студија и консултации за спроведување ќе осмислува како да го менаџира справувањето со отпадот преку долгорочното решение –стандардизирано функционирање на регионалната депонија Русино.

Градоначалниците на сите полошки ошптини денес го промовираа „Проектот за подобрување на управувањето со цврст отпад во Полошкиот регион 2018-2020“ за кој пари се обезбедени од швајцарска агенција за развој. Првата фаза предвидува обезбедување техничка помош за развојна рамковните услови додека во втората фаза на проектот ќе се фокусира на реализација на регионални инвестициски мерки и потребната институционална поддршка.

– Проектот за нас како регион предвидува заедно со швајцарската агенција за развој да почне со реализација на стандардиризрање на Русино со цел да биде регионален центар со справување со отпадот. Предвидено е во период од една година да се доврши физбилити студијата и системот за менаџирање. Во меѓувреме предвидени се краткотрочни мерки односно дренажа која е важна и за населението и за долгорочната мерка стандаридизирање на цела депонија Русино – изјави Теута Арифи.

Со оглед дека жителите на селата околу депонијата Русино не дозволуваа да се истоварува сметот, градоначалниците велат дека ќе се работи на реализација на нивните барања.

– Има 10 барања од пред 3-4 години. Се договориме 5-6 прашања веднаш да се спроведат и да се платат од секоја општина по глава на жител. Нивните барања се краткорочни и се во насока на подготвителните работи. Едно од побитните барања е да се испитаат земјата, воздухот и водата – рече Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар.

Швајцарската агенција за развој дава 7.800.000 франци за реализација на проектот.

Инаку, жителите на Тетово и околните места на социјалните мрежи речиси секојдневно
споделуваат фотографии од формирани мини-депонии покрај неисчитени контејнери. Смет се истовара и во дворот на новата претоварна станица на еден километар од Тетово. А.С.