БИТОЛА

Во големата сала на Центарот за култура, викендов, според сите здравствени протоколи пропишани од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, се одржа годинашната традиционална 21. по ред манифестација на „Битолски весник“. На свеченоста беа доделени над триесетина посебни награди и награди по категории.
Највисокото признание, за животно дело, го доби основачот на КУД „Илинден“, познатиот битолски фолклорен активист, судија и адвокат, неуморен активист и спортски работник, Антонио Димитровски. Гран при доби актерот на Народниот театар Петар Мирчевски, кој во неговата 40-годишна кариера има освоено безброј награди, како во областа на театарот, така и во филмот, минатата година добитник на признанието „11 Октомври“. Во политиката признанието го доби поранешната заменик-министерка за образование Елизабета Наумовска.

Признанието за новинарство го доби новинарот во пензија на Радио Битола, „Вечер“, „Нова Македонија“, фоторепортер и познат битолски планинар Петар Ставрев. Посмртното признание „Ајри Демировски“, авторот на песната „Битола мој роден крај“, го доби групата „Боеми“, која минатата година прослави 30 години од своето постоење, а за трајни вредности групата „Фонтана“.

Во науката најдобра беше психологот на училиштето „Таки Даскало“ Марија Младеновска Димитровска, во спортот поранешниот голман на Еурофарм Пелистер, а сега на Порто, Никола Митревски. Признанието за општествена одговорност го доби генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. За општествена одговорност признание доби и германската компанија „Кромберг и Шуберт“. Во областа на стопанството најуспешна беше компанијата „Би милк“, а во областа на здравството, признанието го добија неврохирургот од Битола, Владимир Рендевски и Центарот за јавно здравје. Од областа на филантропијата признание доби Драгана Дамјановиќ-Чифлиганец, извршна директорка на „Адора инженеринг“.
Во изминатите 20 години „Битолски весник“ има наградено над 850 битолчани, а кон оваа бројка денеска се приклучија уште триесетина битолчани.