БИТОЛА

Пред повторното отворање, детските градинки во Битола се целосно подготвени да ги примат речиси сите дечиња за кои родителите, поради нивната ангажираност на работните места, пројавиле интерес да ги згрижат своите дечиња во градинките.
Според информациите од надлежните општински институции, во Битола над 800 деца ќе бидат згрижени во битолските градинки, на 9 септември (среда). Имено, толкава е бројката на деца чии родители се изјасниле дека се самохрани, вработени или дека двајцата родители им работат на место што не трпи физичко отсуство. Засега единствен проблем е што поради новите протоколи за намалување на бројот на дечињата што ќе можат да бидат згрижени остануваат само дваесетина деца, кои поради протоколите за ограничен број деца, до 6 во јасли и 15 деца во поголеми групи, во моментот не ќе можат да се сместат во градинките во централното подрачје.
За таквите деца алтернативното решение се бара во нивно згрижување во градинките во руралните средини, но родителите засега одбиваат да ги сместат децата во други градинка.

– Во моментов имаме капацитет да згрижиме 516 деца. Од вкупно 680 корисници на нашите услуги за кои имавме договори пред пандемијата, само 459 се пријавени дека веднаш и по завршувањето на мерките за затворени градинки ќе се вратат назад. Оттаму ние не само што имаме капацитет да ги згрижиме децата за кои имаме договори туку дури шеесетина места се слободни. Во моментот пред повторно почнување со работа наш главен проблем е што доколку е пополнет бројот на местата определен по протоколите во централното градско подрачје, родителите не прифаќаат да ги носат децата во руралните средини. Проблем е што родителите, а и некои од дечињата инсистираат за нив да се грижат истите воспитувачки што ги следеле додека оделе во градинка. Притоа се заборава дека ова е вонредна ситуација. Друго беше претходно, пред појавата на пандемијата кога имавме 36 деца во група, а сега е сосема поинаку кога мора да се почитуваат протоколите – вели Лидија Тфирст Митревска, директорка на градинките под,,Естреја Овадија Мара“.

Во детската градинка „Мајски цвет“ велат дека, според новите протоколи, тие можат да прифатат вкупно 415 деца. Оттаму велат дека ќе ги прифатат сите деца чии родители донеле потврда дека мора да одат на работа.
– Бидејки во моментот за користење на нашите услуги има помалку пријавени, можеме да одговориме на потребите на родителите. Размислуваме да примиме деца и од листата на чекање – вели Снежана Тодоровска, директорка на градинките ,,Мајски цвет“.
Во градинките под ЈОУ ,,Пролет“ велат дека пред пандемијата, заклучно со 11 март, биле згрижени вкупно 911 деца, а по пандемијата се испишале 231. На листата на чекање биле 497 деца. Сега прво ќе мора да се примат децата со чии родители имаат важечки договори, а од листата на чекање можат да се згрижат деца само онаму каде што има слободни места во некои јасли.

Инаку, Битола како град има потреба од изградба на нови детски градинки, бидејќи според информацијата од Општина Битола, пред пандемијата дури 500 деца се наоѓале на листата на чекање. За таа цел е донесена одлука за изградба на две нови детски градинки, за кои веќе се обезбедени потребните урбанистички документи и градежни дозволи. Едната градинка ќе се гради во битолската касарна, која ќе има капацитет до 250 легла. Оваа градинка ќе се гради со средства на Општина Битола, за чија изградба германската компанија „Кромберг и Шуберт“ веќе обезбеди донација од 195.000 евра, а другата градинка ќе се гради во Нова Битола, преку проект на Министерство за труд и социјална политика и Светската банка.