Иако дел од кучињата скитници во Кичево се кастрирани и чипирани а дел се еутанизирани, сепак нападите од овие кучиња не престануваат и во последните два месеци се регистрирани десет кучешки напади врз недолжни граѓани на повеќе локации во градот, и кои после овие напади за среќа поминале без кобни последици по нив.

Бидејќи за оваа проблематика задолжена е општината, настраданите граѓани во најголем број случаи поднесуваат тужби против локалната самоуправа и речиси без исклучок судот ги решава овие парници во корист на тужителите.

-Иако уште од месец мај во нашиот град се спроведува акцијата за решавање на проблемот со кучињата скитници и во тој поглед веќе имаме одредени резултати, сепак и понатаму продолжуваат нападите на кучињата скитници врз нашите сограѓани. Така во изминатите два месеци, септември и октомври, пријавени се десет вакви случаи кои се потврдени и од полицијата. Настраданите граѓани ја тужат општината и ако имаат уредни медицински наоди и пријави од полиција, редовно ги добиваат овие парници. Претпоставка е дека бројот на напади е и поголем, но поединци од разно–разни причини не ги пријавуваат овие случаи. Се надеваме дека со целосното спроведување на започнатиот проект и овие проблеми на нашите сограѓани конечно ќе завршат- вели Емилија Петкоска, задолжена за екологија во Општина Кичево.

-Но ако и понатаму продолжат транспорти на кучиња скитници, кои во градот и неговата околина се дотураат од прилепскиот и полошкиот регион, проблемот ќе продолжи да биде актуелен и наредните месеци и години – додава Петкоска.

З.А.