Десет куќи во Кавадарци се во опасност од уривање, а сопствениците треба сами да ги санираат или урнат. Заради безбедноста на луѓето и околината тоа мора да го сторат, рече за МИА кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Во изминатите години само една куќа била прогласена за склона кон уривање. Имајќи во предвид дека вистинската ситуација е малку поинаква, општински комисии излегоа на терен и регистрираа десет такви објекти, во многу лоша состојба- појасни градоналалникот.

Биле изготвени записници за објектите склони кон уривање и за тоа писмено биле известени нивните сопственици.

-Тие имаат рок од триесет дена, да направат санација или да ги отстранат објектите, затоа што се небезбедни за луѓето и околината. Доколку не постапат по тие решенија, општината нема да застане тука и на наше барање со градежна компанија или Јавното претпријатие „Комуналец”, ќе се отстранат објектите, а за тоа ќе им биде наплатено по пазарна цена. Тие мора да бидат свесни за целата оваа ситуација – нагласи Јанчев.