Вечерва со почеток во 19,30 часот, во големата сала од Центарот за култура во Кичево, ќе биде одржан десетиот хуманитарен концерт. Во изминатите години со средствата собрани од овие хуманитарни концерти, беа реновирани повеќе цркви во Кичевско, а беа помогнати и повеќе социјално загрозени семејства и лица со посебни потреби.
На вечерашниот концерт ќе настапат поголем број познати локални изведувачи, училишни хорови, а ќе има и специјален гостин.
-По десетти пат вечерва го организираме традиционалниот хуманитарен концерт. На вечерашниов концерт ќе настапат училишните хорови од ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, ОУ „Христо Узунов“, пензионерскиот хор од Кичево, таткото, синот и ќерката, Алексо, Христијан и Александра Тришоски, Анита Бошкова, Хајрие Адеми, Дарио Нестороски, Бранислав Стојаноски, дуетот Сафет и Даут, а специјален гостин на овој концерт ќе биде Миле Стојкоски, кој во инвалидска количка го помина целиот Европски континент. Очекуваме како и во претходните наврати, и годинава граѓаните на Кичево да ја покажат својата хуманост и со купувањето на влезен билет, да ја помогнат оваа манифестација и да направат среќни повеќе поединци или семејства -потсетија од одборот задолжен за организација на овој концерт.

З.А.