Денес по десетти јубилеен пат, во Македонски Брод ќе се одржи културно-туристичката манифестација „Костенијада-2018“. На костенијадата се очекува присуство на неколку илјади гости од повеќе градови во земјава, пред се од соседството.

Според програмата од 10-10.30 часот има пречек на гостите во Домот на културата. Во 11 часот ќе биде отворена изложбата „Златен костен-2018“, на која ќе бидат претставени инвентивни креации на нашите ученици изработени исклучиво од костен, во 11.30 часот ќе се случи дефилето на учесниците на манифестацијата од Домот на културата до градскиот плоштад.

-Половина час покасно и официјално ќе биде отворена костенијадата, која ќе биде збогатена со културно-забавна програма, на која ќе настапат повеќе фолклорни ансамбли и солисти. Манифестацијата ќе биде збогатена и со дегустација на печени и варени костени по потекло од овој крај, а ќе бидат презентирани и повеќе производи по потекло од Поречијата, како дар од природата или домашни ракотворби на месните жители – истакна Милена Стојческа, директорка на Домот на културата организатор на оваа манифестација и додаде, дека костенијадата се покажа како одличен промотор на овој регион и одлична можност за запознавање на гостите и учесниците со традициите и природното богатство што го поседува овој крај а, се поголемата бројност на посетители, е најдобар индикатор дека оваа манифестација во целост го оправдува своето постоење.

З.А.