Денеска во Куманово во организација на Европското движење во Република
Македонија, Општината Куманово и Инфо – точката од Куманово, со низа настани
беше одбележан Денот на Европа.

Одбележувањето на Денот на Европа во Куманово почна во населбата Диво насеље (каде што пред три години се случија воените настани во Куманово), каде што на улицата „Тоде Мендол“ градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и амбасадорите на Република Хрватска, Кралството Шпанија, Франција и на Италија, во знак на мирот засадија пет дрвја.

Одбележувањето потоа продолжи во Занатскиот дом каде што се одржа квиз за Европската Унија, на кој учествуваа ученици од средните училишта од градот. Амбасадорите на сите учесници им подарија благодарници.

Одбележувањето на настанот не ги заобиколи ниту учениците од основните училишта од Куманово кои на музичкиот настан што се одржа на градскиот плоштад изведоа нумери од државите од кои што дојдоа гостите – амбасадори, кои што, пак, на плоштадот имаа поставени штандови со рекламен материјал за промоција на културата и традицијата во четирите земји-членки на ЕУ.

На крајот на одбележувањето на Денот на Европа во Куманово, во салата на советот на општината се одржа трибина под наслов „70 години од Хашката конференција“ на
која што свои обраќања имаа градоначалникот на Куманово, амбасадорите, како и претседателот и членовите на европското движење во Македонија, Милева Ѓуровска, Јадранка Мршиќ и Трпе Стојановски.

На трибината амбасадорите на Франција, Шпанија, Италија и на Хрватска дадоа отворена и искрена поддршка за што поскора интеграција на Македонија во ЕУ со напомена дека не е важно само што може да донесе ЕУ за Македонија, туку исто така, подеднакво е важно што може Македонија да и донесе на ЕУ, со посебен акцент за градење на стабилни државни институции по теркот на ЕУ. Т.Д.