Фото: Зоран Антоски

Проблемот од недостаток на паркинг простор на кичевскиот зелен пазар, комуналното претпријатие го реши со пренамена на дел од досегашниот зелен пазар во нов паркинг простор. На паркингот ќе можат да се паркираат околу 50 лесни моторни возила, а нешто помалку кога се паркираат и товарни возила до носивост од два тона на лицата кои продаваат на овој пазар. Овој паркинг од утре ќе може да ги прими првите возила и за почеток ќе биде бесплатен.

– По долги анализи како да се реши проблемот со недоволниот број на паркинг места во близина на зелениот пазар, како најцелисходна беше одлуката околу 600 метри квадратни од зелемиот пазар да се пренаменат во паркинг простор, кој од утре ќе биде ставен во функција и на истиот ќе може истовремено да се паркираат околу 50 лесни возила. Овој паркинг ќе им стои на располагање како на закупупците на тезги, така и на граѓаните кои купуваат на зелениот пазар. Покрај лесни возила, на новиот паркинг ќе можат да се паркираат и камиони со носивост до два тона, сопственост на закупците на тезги, претежно од страна. На старт паркингот ќе биде бесплатен, а во блиска иднина, во договор со општината, ќе биде одлучено која ќе биде тарифата за негово користење. Истовремено се планира улицата што поминува пред влезот на пазарот да биде еднонасочна, за да не се прават гужви пред самиот пазар, особено во саботите кога во нашиот град е пазарен и кога тука се присутни и многу купувачи и продавачи од страна – рече Ариф Алими, раководител на кичевскиот зелен пазар.

Тој додава дека на овој начин целата површина од пазарот ќе биде рационално искоритена. Деновиве се изврши одбележување на новиот паркинг простор и тој утре ќе ги прими првите возила. З.А.