Делата создадени на петтата, јубилејна, Младинска керамичка работилница, што во текот на јуни работеше во село Вранештица – Кичевско, беа претставени во изложбениот салон од Домот на културата во Македонски Брод. Покрај Кичево и Македонски Брод, овој опус создаден од кичевските средношколци, се очекува да гостува и во други градови.

– Делата кои на петтата Младинска керамичка работилница ги создадоа кичевските средношколци и која се одвиваше во село Вранештица, под покровителство на Центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево, беа претставени на изложба што беше отворена во изложбениот салон од Домот на културата во Македонски Брод. Триесетината уникатни керамички творби создадени од вредните раце на кичевските средношколци имаа можност да ги видат и жителите од првото гратче на реката Треска. Се планира оваа изложба во Македонски Брод да остане до 15 декември, до кога заинтересираните граѓани ќе можат да ја посетат. Планираме делата од годинешната Керамичка работилница да бидат претставени и во други градови во земјава – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево.

– Годинава за првпат на керамичката работилница самостојно работеа кичевските средношколци, за разлика од претходните четири години, кога покрај домашните гимназијалци, во работилницата земаа учество и ученици од Државното средно училиште за уметност и дизајн „Лазар Личеновски“ од Скопје, заедно со нивните професори-ментори – додаде Османи.

Изложбата за отворена ја прогласи директорката на Домот на културата Милена Стојческа, а на овој чин беа присутни голем дел ученици од градот. З.А.