Деветоодделенецот Христијан Јаковлевски е најсреќниот од трите момчиња кои денеска скокнаа по светиот крст во Дебар.

– Пресреќен сум. Првпат го фаќам светиот крст. Посакувам многу здравје, среќа и радост за сите, мир и благосостојба во целиот свет. Бог се јави, за многу години да ни е овој голем празник, изјави Јаковлевски.

Светиот крст во базенот, што се наоѓа во дворот на црквата „Света Петка“, го фрли намесникот на дебарската парохија, Миле Ангеловски.

На богослужбата и фрлањето на крстот присуствуваа поголем број дебрани кои живеат во други градови во државата и надвор од неа.

Еден од нив беше и Коста Аврамовски, кој повеќе од три децении со семејството живее во Австралија и кој годинава е кум на „Водици“. Тој на Христијан му подари икона и златен крст.

– Живеам во Австралија, но секогаш во срцето ги носам Македонија и Дебар, каде што сум роден и каде пораснав. Секоја година од пред Божик до Водици сум тука во Дебар. Посакувам здравје, среќа, благосостојба за сите Македонци каде и да се – изјави Аврамовски.

Црковниот одбор обезбеди подароци за трите момчиња кои скокаа по светиот крст.