Собрани 46 крвни единици

Општинската организација на Црвениот крст од Кичево оваа година ја почна со две крводарителни акции спроведени изминатите два дена. Едната крводарителна акција беше спроведена во трговскиот центар „Арабела“ од страна на Исламскиот форум на млади, а другата во ОВР-Кичево. Одѕивот беше задоволителен и годинава се очекува да бидат остварени минатогодишните рекордни бројки кога беа реализирани 1.051 дарување крв.

– Во изминатите два дена нашиот црвен крст спроведе две крводарителни акции, во кои беа собрани 46 крвни единици, од кои 33 крвни единици беа собрани при акцијата спроведена во ТЦ „Арабела“, организирана од страна на Исламскиот форум на млади и во ОВР – Кичево, каде што беа собрани 13 единици од најдрагоцената течност – рече Бесник Селими, секретар на ОО на Црвен крст – Кичево.

Тој за оваа година најави поголем број крводарителни акции што ќе се спроведат во општината, како и вонредни акции во текот на летото, кога резервите на крв во болниците традиционално се најмали.

– Според планот за годинава, нашата општинска организација треба да реализира 20 крводарителни редовни акции и три вонредни крводарителни акции, кои вообичаено се спроведуваат во текот на летото, кога резервите на крв во болниците се најмали. И годинешната проекција на крводарувања се движи во рамките на претходната година, кога беа собрани рекордни 1.051 единица на крв – додаде Селими.

Овие крводарителни акции се спроведуваат во соработка со Заводот за трансфузиска медицина.