Фото: Зоран Антоски

Со гала концерт што вечерва ќе се одржи во големата сала од Центарот за култура во Кичево, 20 години од своето постоење ќе одбележи КУД „Младост“- Кичево.

Низ ова друштво, кое е формирано на 4 септември 1999 година, продефилирале над илјада играорци, музичари и пејачи. Истото има гостувано во повеќе од десет земји, а во овој дводецениски јубилеј, има одржано над 250 коцерти во земјава и во странство.

За истиот тој период на концертите на друштвото присуствувале над 30.000 гледачи. Најмногубројна публика на еден концерт била присутна на фестивалот во Бодрум-Турција, каде присуствувале 7.000 посетители.

-Со вечерашниот целовечерен концерт, ќе ја одбележиме дваесетгодишнината од формирањето на КУД „Младост“- Кичево. Ова Културно-уметничко друштво произлезе од идејата на петчлена група ентузијасти, кои на 4 септември 1999 година, ги ставија темелите на друштвото. Во овие 20 години во КУД „Младост“ членувале над илјада играорци, музичари и пејачи, а во истиот тој период  друштвото има одржано над 250 концерти. Покрај во земјава КУД „Младост“ има настапувано и во повеќе земји од Европа и тоа во Бугарија, Србија, Албанија, Турција, Босна и Херцеговина, Хрватска, Полска и други. Нашите концерти одржани во изминатите 20 години ги посетиле над 30.000 љубители на фолклорот од земјава и светот, а засекогаш ќе го паметиме настапот во Бодрум-Турција во 2010 година, кога на нашиот концерт присуствуваа над 7.000 гледачи – истакна Зоран Јовески, претседател на КУД „Младост“- Кичево.

И покрај големите постигнувања, сепак ова друштво и денес се соочува со просторни и финансиски проблеми кои се потешко се решаваат, а за вечерашниот гала концерт подготвија обемна програма по вкусот на сите љубители на фолклорот.

-И покрај тоа што сме над две децении на културната сцена, сепак низ годините а и денес се соочуваме со просторни услови и од тие причини во изминатиот период имаме променето повеќе локации, каде што тренираме и ја подготвуваме нашата програма. Покрај со просторните, се соочуваме и со финансиски проблеми, кои од година во година се потешки. Во блиска иднина очекуваме државата да подаде рака за да се спасиме од целосното згаснување – додаде Јовески.

Што се однесува до вечерашната програма во неа ќе настапат сите категории на играорци на друштвото, кои ќе се претстават со игри од Преспа, Повардарие, сплет народни ора, Малешевка, Бувчанка и многу други, а гости на друштвото ќе бидат и вокалните солисти Дарко и Бране Стојаноски, Дарко Талески, Мики Данилоски и групата „Бели Мугри“.

Почетокот на концертот е од 20 часот. Во текот на концертот ќе бидат доделени благодарници на играорци кои во друштво членуваат пет и десет години и на други лица заслужни за растот на друштвото.

З.А.