Поставени се нови тезги, во двојно зголемен број

Свети Николе

Во Општина Свети Николе е извршена реконструкција на целата отворена површина на градскиот пазар од 1.900 квадратни метри. Поставени се нови пазарни тезги и, од 50, сега нивниот број е зголемен на 100 тезги. Тоа ќе овозможи поголем број земјоделци да можат да вршат продажба на своите земјоделски производи. На постојниот пазар целосно е променета водоводната и канализациската мрежа под површината на овој дел од пазарот, како и подните плочки, поставена е и инсталација за противпожарен систем. Исто така изградена е нова метална покривна конструкција на отворениот дел од пазарот, со површина од 640 квадратни метри. Поставени се комплетно нова електрична инсталација и осветлување, а реконструирани се и двата пристапни влеза на пазарот, од плоштадот во Свети Николе и градскиот кеј.

– Бидејќи Свети Николе претежно е земјоделска општина, градскиот пазар е едно од клучните места и од суштинско значење е да понуди што е можно подобри услови за продажба на земјоделските производи. Секако, со тоа да овозможи зголемен интерес за промоција и продажба на производи од страна на производителите и трговците, со што ќе имаат бенефиција сите граѓани од општината и пошироко – сметаат надлежните.
Изградбата на отворениот дел на градскиот пазар во Свети Николе претставува проект што е реализиран со ИПА грант-средства од Европската Унија, администрирани од страна на Светска банка преку МСИП-проектот и проектната единица во Министерството за финансии.

Овие средства им се доделуваат на општините во форма на грантови и треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата, квалитетот на живот на населението и социоекономскиот карактер на општината, наедно и за подобрување на работните услови на вработените на пазарот како и на самите општински услуги.
Висината на средствата за овој проект е 287.661 евро, од кои ИПА-грантот е во висина од 260.000 евра како дел од МСИП-проектот на Светска банка за подобрување на општинските услуги преку Министерството за финансии, и кофинансирање од Општина Свети Николе во висина од 27.661 евро.