Муралот е изработен како дел од програмата на АКТО-фестивалот за современи уметности

Кочани

Кочани доби мурал изработен на зградата на водостопанството. Неговото создавање е продолжување на програмата на 15-то издание на АКТО-фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат“. Автор на муралот е уметникот Ненад Тонкин, а реализацијата е во партнерство со Општина Кочани.
Муралот во Кочани е дел од серијата мурали, кои деновиве се изработуваат на површина од 600 квадратни метри во уште шест други градови: Битола, Прилеп, Велес, Штип, Гевгелија и во населбата Ченто во Скопје
Според организаторот на АКТО-фестивалот, идејата за изработка на мурал во Кочани е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, а пораката „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот“ има цел да ја истакне важноста на солидарноста во актуелните услови на здравствената криза.

– Иницијативата за исцртување мурали на јавни простори има цел на креативен начин да зборува за одредени теми, кои активираат и мобилизираат не само поединци туку и цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фокусираме за време на пандемијата на коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика, како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно – вели Филип Јовановски од АКТО-фестивалот.