ГЕBГЕЛИЈА

Сашо Поцков, градоначалникот на Општина Гевгелија, беше во работна посета на основното училиште „Владо Кантарџиев“ каде што имаше можност да изврши увид во реализацијата на онлајн наставата и во наставата со физичко присуство. Поцков присуствуваше на онлајн час во шесто одделение по предметот Македонски јазик и на еден час со физичко присуство во прво одделение по предметот Општество.
– При посетата на часот кај првачињата што се со физичко присуство, Поцков се задржа сосема кратко поздравувајќи ги учениците поради почитување на мерките пропишани во протоколот за реализирање настава со физичко присуство – информираат во Општината.
По присуството на часовите и разговорот со директорката на училиштето, Кети Аврамчева, Поцков оцени дека онлајн наставата во гевгелиското училиште се одвива со помали технички проблеми што тековно се надминуваат.
– Наставата со физичко присуство се одвива без проблеми, со доследно почитување на протоколите за реализација на ваквиот тип настава и доследна примена на мерките за заштита од ковид-19. Поцков упати пофалби до наставниците, не само од ова училиште туку и до наставниците од сите училишта во Општината за нивниот максимален вложен труд и нивната воспитно-образовна работа за време на пандемија – додаваат во Општина Гевгелија.