Доброволно или на повик, Горанчо Аризанкоски во својата 53 годишна возраст дури 110 пати дарувал крв и како што самиот вели, дека во тој поглед е рекордер во Западна Македонија. Оваа хумана мисија ја започнал во својата 18 годишна возраст и тоа редовно го практикува и денес и ветува, дека се додека го служи здравјето ќе подарува дел од својата драгоцена течност.

-Речиси сум заборавил кога првпат започнав да дарувам крв.Тоа се случи пред 35 години кога имав само 18 години и оваа хумана мисија ја практикувам и денес, а така ќе биде се додека ме служи здравјето. Бројот на крводарувања ќе беше и поголем ако во два наврати од објективни причини не бев спречен дарувам крв-вели Аризанкоски, кој иако нема стална работа и сигурни приходи, сепак ветува дека крв ќе дарува се додека може.

-Јас иако сум немал постојана работа туку сум работел се и сешто, сепак никогаш не сум се откажал од оваа хумана дејност. Секогаш кога сум бил повикуван да подарам крв и спасам нечиј живот, во ниту еден момент не сум бил во дилема дали да му помогнам на човека кога е во невоља или не. Иако денес со своите 53 години не сум веќе млад, сепак јас 4 пати годишно дарувам крв и сметам дека по моите стапки треба да тргнат сите физички здрави лица, затоа што животот нема цена. Горд сум на остварените резултати, а ќе бидам уште погорделив, кога ќе стигнам до бројката од 150 крводарувања, затоа што сметам дека на толку луѓе сум им го спасил животот. Можеби и државата треба да води повеќе сметка крводарителите рекордери да добијат сигурна работа, со што барем малку ќе им се оддолжи за долгогодишната хумана дејност – додаде Аризанкоски.

З.А.