Во Битола над 300 битолчани аплицирале на јавниот повик за добивање субвенции за купување велосипед.
– Иако ние знаевме дека битолчани во последно време се вратија кон велосипедите, сепак, ни накрај памет не помисливме дека интересот за субвенции за купување велосипед ќе биде толку многу голем. Тој ги надмина и сите наши очекувања, па повеќе од јасно е дека едниот милион денари, кои го издвоивме за субвенции, нема да бидат доволни и мораме да размислуваме за објавување нов повик – вели првиот човек на Советот на Битола, Валентин Груевски.

Поради големиот интерес за добивање субвенции, повеќе од јасно е дека парите што ги издвои Општина Битола за таа намена, во износ од 1 милион денари, нема да бидат доволни за да можат најголемиот број од нив да добијат субвенции, кои изнесуваат најмногу до 5.000 денари за купување велосипед.
Поради големиот интерес, во Општина Битола размислуваат да објават уште еден јавен повик за издвојување на уште 1 милион денари за купување велосипеди. Ваквиот голем интерес за купување и за субвенционирање велосипеди е најдобра потврда дека во Битола битолчани се враќаат кон велосипедите како превозно средство и дека Општина Битола мора да направи напори конечно да ги изгради велосипедските патеки.

Општина Битола кон средината на јули месец, за да ги стимулира граѓаните за користење превозни средства, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, објави јавен повик со кој се обврза дека ќе им обезбеди поврат на дел од потрошените средствата, за велосипеди купени од денот на објавување на овој јавен повик, (28 јули) до исцрпување на буџетот наменет за таа намена. Парите што ќе ги надоместува Општина Битола се во вредност од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 5.000 денари.
Распределбата на средствата ќе биде по принципот прв дојден прв услужен. Но поради огромниот интерес, повеќе од јасно е дека голем број граѓани ќе извисат и не ќе можат да користат субвенции, па затоа во локалната самоуправа наскоро најавија објавување на нов јавен повик, со кој ќе бидат обезбедени уште 1 милион денари за субвенционирање на граѓаните што ќе купат велосипеди.